Во рамки на завршниот настан „Кон глобалните стандарди за Училишта што го унапредуваат здравјето – резултати од пилот активностите во четири училишта“, се одржа панел-дискусија посветена на искуствата, придобивките, предизвиците и идната визија за развој на училишта кои активно го поддржуваат здравјето и добросостојбата на учениците.
На панел-дискусијата учествуваа координатори и претставници од пилот-училиштата вклучени во иницијативата: Гордана Анастасова од ООУ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Анета Трајковска од ООУ „Илинден“ – Крива Паланка, Весна Ѓорѓиевска од ООУ „Братство“ – Скопје и Садудин Садики од Средното техничко училиште „Гостивар“ – Гостивар.
Панелистите споделија значајни искуства од реализацијата на активностите во училиштата, при што беше нагласена важноста на соработката меѓу наставниците, учениците, стручните служби, родителите и локалната заедница. Во дискусијата беа претставени успешни практики поврзани со здрави животни навики, физичка активност, ментално здравје, инклузивна и поддржувачка училишна средина, како и активности за поголема вклученост на учениците во процесите на планирање и реализација.
Особено внимание беше посветено на предизвиците со кои се соочуваат училиштата, како што се просторните и материјалните услови, потребата од дополнителна мотивација и вклучување на учениците и наставниците, како и неопходноста од континуирана институционална и локална поддршка.
Преку споделените придобивки беше истакнато дека ваквите активности придонесуваат за подобрување на физичкото и менталното здравје на учениците, зајакнување на училишната клима, поголема соработка и создавање средина во која здравјето и образованието се поврзуваат во секојдневниот училишен живот.
Панел-дискусијата заврши со заедничка визија дека училишните клубови за унапредување на здравјето треба да продолжат да се развиваат како важен механизам за промоција на здрави навики, активно ученичко учество и градење училишта по мерка на секое дете.
ЕдуСкилс останува посветен на поддршка на иницијативи кои го унапредуваат здравјето, добросостојбата и квалитетот на образованието во училиштата.






