Тимот на ЕдуСкилс, како креатор на програмата за слободен изборен предмет „Учам за моето здравје“, во соработка со Светската здравствена организација – Канцеларија во Северна Македонија, учествуваше на обука посветена на промоција на здравјето и добросостојбата преку наставните програми и современите наставни методи.
Обуката беше организирана како дел од процесот на адаптација на Глобалните стандарди за училишта што промовираат здравје, развиени од СЗО и УНЕСКО, со цел нивно соодветно прилагодување и примена во образовниот контекст на Република Северна Македонија.
Во текот на работилницата, учесниците имаа можност да истражуваат различни модели, пристапи и практични алатки за воведување на здравствено образование во училиштата, како и да дискутираат за предизвиците и можностите за развивање здрави навики, добросостојба и позитивна училишна средина кај децата и младите.
Особено значајно е што во работилницата беа вклучени наставниците од пилот програмата „Учам за моето здравје“, која се имплементира во седум основни училишта, заедно со претставници на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија и Бирото за развој на образованието.
За ЕдуСкилс, оваа обука претставува важен чекор во унапредувањето на наставните содржини поврзани со здравјето, менталната добросостојба, здравите животни навики и личниот и социјалниот развој на учениците. Преку програмата „Учам за моето здравје“, продолжуваме да придонесуваме кон создавање училишта кои се грижат за здравјето, безбедноста и целокупниот развој на секое дете.
Заедно работиме за поздрава, посреќна и посигурна иднина за нашите деца.
ЕдуСкилс – образование за здрави, свесни и одговорни генерации.
WHO North Macedonia
Министерство за здравство / Ministria e Shëndetësisë
Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија
Бирото за развој на образованието










